Водич за машки кошули
Машките кошули се едно од најчестите и најважните парчиња во машката гардероба. Тие се добра основа врз која го градиме целиот изглед. Важно е да најдете кошула која ќе го надополни вашиот стил и ќе прилега на обликот на телото.
Кога станува збор за кошули, треба да обрнеме внимание на кројот, должината на ракавите, бојата и дезените. Треба да имаме предвид дека различните кошули се соодветни за различни пригоди. Носењето на дезенирана кошула со кратки ракави за време на одморот е фантастично, но може да биде несоодветно и непрофесионално во деловна средина.
Со оглед на тоа дека изборот на кошула може да биде многу тежок, составивме специјален водич за вас како да одберете машка кошула. Во него, ќе споделиме неколку основни начела кои дефинитивно ќе ви бидат од помош!
Карактеристики на кошула
Машките кошули се присутни на сцената повеќе од еден век, а долго време не се обрнуваше премногу внимание на нив. На почетокот, биле носени како долна облека, а постепено мажите започнаа да ги носат под машката облека и елеци. Денес, кошулите се сметаат за независно модно парче.
Кошулата се дефинира според:
ЗАКОПЧУВАЊЕТО СО КОПЧИЊА
Главната карактеристика на кошулата е предното закопчување. Разликуваме "button up" верзија со копчиња по целата должина на кошулата, како и "button-down" верзија, во која спаѓа било која кошула која има копчиња по целата нејзина должина, како и копчиња на краевите на јаката кои може да се закопчаат.
РАКАВИ СО МАНЖЕТНИ
Класичната кошула има долги ракави со манжетни кои најчесто се прицврстуваат со копчиња. Разликуваме неколку вида манжетни, во зависност од тоа дали се закопчуваат со едно, две или три копчиња. На одредени кошули, класичните копчиња може да се заменат со специјални копчиња за манжетни.
ЈАКА
Кошулите имаат неколку вида околувратници (јаки), но најпрепознатлив е класичниот крој на јака со зашилени врвови. Исто така, разликуваме и јака со копчиња, раширена јака, јака со лента, јака со преклоп и други варијации.
Видови кошули
Различните кошули се соодветни за различни пригоди. Ви ги претставуваме најчестите:
СВЕЧЕНА КОШУЛА
Ова е најформалната верзија на класичната бела кошула, која се носи заедно со вечерен костум и вратоврска. Ја носиме на специјални пригоди, како вечери, свечени церемонии, важни родендени и свадби. Најчесто е малку подолга за да може да биде вметната внатре во панталоните.
ОКСФОРД КОШУЛА
Направена е од подебел памучен материјал, за да е издржлива и да ја задржува својата форма. Најчесто има јака која се закопчува и џеб во пределот на градниот кош. Оваа кошула е доста разнолика и може да се комбинира со машки костум, деловна или пак посекојдневна облека. Бела или светло сина оксфорд кошула е незаменливо парче во "smart casual" модните комбинации.
КОШУЛА СО КРАТКИ РАКАВИ
Машката кошула со кратки ракави е одличен избор за топлото летно време. Ова е кошула со опуштен крој, соодветна за рекреација, слободно време и социјализација. Може да ја комбинирате со фармерки или кратки панталони, но никогаш немојте да ја носите со машки костум.
Крој на кошула
Кошулата прекрива околу половина од телото и се наоѓа блиску до лицето, па затоа е доста изложена и се наоѓа во видното поле на другите луѓе. Со избор на вистинскиот крој, ги криеме потенцијалните “несовршености“ и ги нагласуваме нашите силни страни:
КЛАСИЧЕН КРОЈ
Класичниот крој на кошула има правоаголен облик и е права од пределот на торзото до половината. Има повеќе ткаенина на ракавите, рамењата и градниот кош, што овозможува повеќе простор за движење. Ова е најудобната кошула, соодветна за носење под палто. Вистински избор е за оние кои имаат мал стомак, но прилега и на поситни фигури.
ТЕСЕН КРОЈ или ПРИПИЕН КРОЈ
Тесниот крој кој ја следи линијата на телото се адаптира на самата телесна фигура, па затоа не дозволува многу слобода при движење. Линијата на рамењата е поставена повисоко, додека ракавите постепено се стеснуваат кон рачниот зглоб. Во пределот на градите и половината, оваа кошула е доста тесна и нема вишок материјал. Соодветна е за сите фигури, но не ја препорачуваме за посилни фигури.
МОДЕРЕН КРОЈ
Кошулата со модерен крој е комбинација од комфортот на класичниот крој со модерноста на припиената кошула. Линијата на рамењата е поставена повисоко, додека ракавите овозможуваат доста простор за движење. Исто така, има и повеќе ткаенина и простор во пределот на рамењата и градниот кош, додека пак минимално се стеснува во пределот на половината. Кошула со модерен крој изгледа одлично дури и без палто.
Кој е совршениот крој за кошули?
Совршениот крој за кошули овозможува слобода на движење, додека го прикажува телото во најдоброто можно светло. При избор на вистинскиот крој, секој дел од кошулата е подеднакво важен.
- ЈАКА: Следете го “правилото на еден прст” при избор на ширината на јаката. Ова значи дека треба да можете удобно да протнете еден прст помеѓу закопчаната јака и вратот.
- РАМЕЊА: Шавовите на рамењата треба да бидат во линија со зглобот на рамото.
- РАКАВИ: Ракавите треба да бидат минимално пошироки, но не премногу за да не можете да облечете палто врз кошулата. Ракавите кои се премногу тесни ќе го ограничат движењето на рацете, додека оние кои се премногу широки ќе се изгужваат. Манжетните на ракавите треба да завршуваат онаму каде дланката се спојува со рачниот зглоб.
- TОРЗО: Кај кошула која соодветно прилега, копчињата не се затегнати, туку прилегаат совршено. На задниот дел треба да има посебни набори каде ткаенината е зашиена заедно. На овој начин, кошулата повеќе се прилепува на торзото во одредени делови и се адаптира на типот на телесна фигура.
- ДОЛЖИНА: Должината на кошулата е важна за тоа како ќе ја носите. Кошула која најчесто се носи вметната во панталоните има подолг преден и заден дел, за да е доволно долга и да не излегува од панталоните. Кошулите кои не се носат припиени имаат исти долги квадратни рабови. Ваква кошула треба да достигнува до средина или до крај на патентот на панталоните, додека во задниот дел треба да заврши помеѓу средината и крајот на џебовите на панталоните.
При избор на кошула, исто така мора да се обрне внимание на материјалите, бојата и дезените.
Бои и Дезени
Денес, кошулите се достапни во голема палета бои, но најчестите бои остануваат бела и сина.
- Белата кошула е традиционален избор со векови. Навистина е разнолика, затоа што може да се комбинира речиси со сѐ, благодарение на нејзиниот неутрален изглед. Добра алтернатива на белата кошула е “белузлавата“, која одговара со земјени тонови, сини нијанси и топли бои.
- Сината кошула е најсигурниот начин да додадете боја во вашата колекција кошули. Речиси секоја нијанса на сина прилега одлично со поголемиот број класични машки модни парчиња.
- Црната кошула е поавангарден моден избор кој прилега добро и со еднобојна и со дезенирана облека.
Ве советуваме да ја започнете вашата колекција кошули со погоре споменатите бои, а потоа да ја проширите вашата гардероба со кошули во други бои кои прилегаат добро со остатокот од вашата гардероба.
Кога станува збор за дезени, најчестиот дефинитивно е дезен со линии. Линиите на кошулите може да бидат во различен стил, боја и густина, но вертикалните линии се најчести. Кошулите исто така имаат и мали геометриски дезени и точки, а најопуштените може да имаат и големи принтови.
Карираната кошула е најсекојдневната кошула која може да ја носите со костум. Големината на карираниот дезен е пресудниот фактор за тоа колку формална може оваа кошула да биде. Карираната кошула привлекува многу погледи, па затоа погрижете се да ја избалансирате со еднобојно палто и панталони.
Генерално, колку е подетален и повпечатлив дезенот, толку кошулата е понеформална.
Сигурни сме дека нашиот водич ќе ви помогне да ја одберете совршената кошула. Посетете ги Том Тејлор продавниците, каде може да пронајдете и широк избор на машки кошули за различни пригоди.